Денеска официјално започна предизборната кампања за Локалните избори во Охрид, осми за Градоначалник, седми за избор на членови на советот.

Во Охрид кандидати за градоначалници се Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Обнова на Македонија“, Константин Георгиески од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ и Гоце Цветкоски од Трајно Македонско Радикално Обединување – ТМРО.

Почнува предизборната кампања за Локалните избори во Охрид

Поднесени се 11 кандидатски листи за советници и тоа од ВМРО-ДПМНЕ предводена од Сашо Донев, носител на кандидатска лиска од СДСМ е Науме Јованоски, од Левица Виолета Аврамоска, од ДУИ кандидатската листа за членови на совет ја предводи Нефи Усеини, своја листа има поднесено и коалицијата „Движење одлучно за промени“ со носител Александар Станкоски, кандидатската листа на партијата Единствена Македонија е на чело со Владимир Суклоски, носител на листа од ТМРО е Магдалена Наумоска, а од движењето Беса Џемал Мена. Поднесени се и три независни листи: Група избирачи предводена од Димитар Велјаноски (Охрид пред се), Група избирачи предводена од Антонио Наумоски и Група избирачи предводена од Стевче Стевоски.

Кандидатите за градоначалници на Општина Охрид, вчера потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Главните претенденти најавија позитивна кампања.

Тоа што ќе се случува во наредниот 21 ден се надевам дека ќе се позитивни проекти, позитивна кампања и нешто што ќе го подобри животот на охриѓани во секаква смисла на зборот истакна Пецаков.

Кандидатот од СДСМ и Коалицијата Најдоброто за мојата општина Константин Георгиески порача до граѓаните да излезат на гласање за на овие избори да се одбере најдоброто од Охрид .

Чест и задоволство е што уште еднаш го потпишуваме Кодексот за фер и демократски избори, се надевам дека кампањата ќе помине во најдобар ред, повикувам граѓаните да излезат и да го искористат своето граѓанско право, рече Георгиески

Кандидатот од ТМРО, Гоце Цветкоски по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори ги повика граѓаните да гласаат за трета политичка опција.

Кампањата за локалните избори 2021 ќе заврши на 15 октомври, а ќе се гласа на 17 октомври. Гласањето за советници се одвива во еден круг, додека доколку нема победник во изборот за градоначалник во првиот круг, евентуален втор круг ќе се одржи на 31 октомври.

Според единствениот избирачки список во Охрид запишани се вкупно 52.477 гласачи.

OhridNews