Собранието на Република Македонија денеска ќе ја започне расправата за амандманите за измени на Уставот на државата. Доколку тие бидат усвоени, согласно Договорот од Преспа, тоа ќе значи преименување на земјата од Република Македонија во Република Северна Македонија. За тоа да се случи потребно е двотретинско мнозинство во Собранието, односно поддршка од 80 пратеници. Собраниската расправа за уставните измени ќе трае три дена.

Еден ден пред седницата премиерот Заев и лидерот на Алијансата за Албанците Зиадин Села постигнаа договор со кој е обезбедена поддршка за уставните измени од оваа партија. Заев објасни дека во Преамбулата на Уставот зборот „граѓаните“ ќе биде употребен само еднаш, при што по Македонскиот народ, директно ќе бидат додадени „и дел од Албанскиот народ, Турскиот народ…“, со понатамошно наведување на сите етнички заедници, наместо како досега, со формулацијата „како и“, пред другите етнички заедници.

Премиерот Заев посочи дека за дијаспората, наместо дијаспората на Македонскиот народ, се додава „и на другите заедници“ и дека со амандман на Уставниот закон се внесува и Косово како петти сосед на нашата држава.

Со тоа, низ прифатените амандмани, како што беше заеднички оценето и во изјавите и на средбата, Алијанса на Албанците е вградена во политичкиот процес на уставните измени со цел реализација на Договорот од Преспа.

Одговарајќи на новинарското прашање дали има поддршка од 80 пратеници за гласањето во парламентот, Заев рече дека тоа ќе се знае на гласањето и дека „редот е пратениците да го кажат својот став“, но дека верува дека ќе има двотретинско мнозинство да се заврши процесот.

OhridNews
фото: Влада на РМ