Двајца од македонските граѓани повредени во сообраќајката на автопатот „Струма“ се отпуштени од софиската болница „Пирогов“. Пациентите се стабилни и во добра општа состојба. Се очекува тие да бидат преземени за натамошно набљудување во медицинските установи во државава. Д-р Анастасија Викторова од Клиниката за изгореници и пластична хирургија при НУ болница Пирогов ги предаде пациентите на македонските медицински екипи.

Другите четворица повредени во несреќата се во добра општа состојба. Седмиот пациент, кој претходно беше опериран на Клиниката за ортопедија и трауматологија, а подоцна и на Клиниката за неврохирургија, е во стабилна состојба, непроменета од вчера.

Според најавите, уште двајца од повредените патници ќе бидат отпуштени од болницата утре, двајца на 30 неомрви, а еден на 1 декември.

Повредениот српски државјанин, како што информира вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе биде пренесен во Србија, а нашите во Скопје, во организација на Министерството за здравство. Повредените прво ќе бидат сместени во нашите здравствени установи се додека не бидат пуштени на домашно лекување.

За преносот на посмртните останки, акциски план треба да изготви Работната група што ја формира Владата на чие чело е  Османи. Владата ги презема сите трошоци за транспортот и погребот на жртвите.

Нашите очекувања се наредната недела, штом заврши идентификацијата, може да се очекува вторник или среда, со можност да се помести тој ден додека не се комплтеира идентификацијата. МНР ќе го организира транспортот на посмртните останки. Имавме средба со повеќе компании кои ќе бидат ангажирани околу тоа, а наредните денови планираме средба и со семејствата за да ги испочитуваме нивните барања за предавање на телата, рече Османи.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера во однос на најновите информации кои стигнале до МВР од страна на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје, информира дека е обезбеден биолошки материјал од роднини на 44 патници, а добиените ДНК профили се предадени во нашето обвинителство. Овој материјал ќе биде предаден на надлежните служби во Бугарија, кои ќе прават поврзувања по роднински врски со пронајдените останки, а биолошки материјал за 45-тиот патник е обезбеден во Софија.

 

OhridNews