Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против  36-годишно лице од охридското село Подмоље.

– Пријавениот, казненото дело го сторил на 27 мај оваа година, во 03 часот и 50 минути пред влезната врата на кабаре лоцирано на ,,Кеј Македонија” во Охрид. Тука, тој го нападнал вработениот во агенција за обезбедување, овластен за вршење на таа дејност и задолжен за извршување работи од безбедноста во угостителскиот објект. Нападот се случил откако, работникот на обезбедување, го повикал лицето од Подмоље надвор од кабарето, откако претходно добил известување од одговорното лице во кабарето дека пријавениот видно е под дејство на алкохол, врши провоцирање и вознемирување на гостите, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Пред влезната врата од кабарето, работникот на обезбедување му кажал на сега пријавениот дека не може повторно  да се врати во објектот. Во тој момент, пријавениот започнал да му се заканува, набрзо извадил метален пендрек на расклопување и го удрил лицето од обезбедувањето во пределот на вратот и левата нога. За да одбие понатамошен напад врз себе, оштетениот со употреба на соодветен потег, успеал да го совлада пријавениот и го задржи се до доаѓање на полициските службеници, а потоа бил пренесен во Општата болница во Охрид.

OhridNews