Министерството за транспорт и врски распиша јавна објава за давање под краткотраен закуп земјиште сопственост на Република Македонија, наменето за плажи на Охридското крајбрежје на подрачјето на општина Охрид и општина Дебарца. Станува збор за 15 плажи, меѓу кои и атрактивните локации кај Билјанини Извори, Канео, Горица , Лагадин, Корали, Елешец, Потпеш, Лабино и Грашница.
 
-Овој проект го спроведуваме во континуитет со цел уредување на охридското крајбрежје и создавање на поволна слика за дополнителен туристички развој. Сигурно се сеќавате како изгледаа плажите во Охрид, запуштени и диви пред пет години и како изгледаа откако ги дадовме под краткотраен закуп – уредени согласно насоките кои ги утврдивме за сите закупци, истакна министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески на прес конференцијата што денеска се одржа во Скопје.
 
Тој појасни дека постапката за давање на плажите под закуп започнува неколку месеци пред почетокот на туристичката сезона, со цел формалните постапки да завршат навремено, а закупците да имаат доволно време да ги исполнат обврските кои произлегуваат од договорите за закуп за што краен рок е 1. јуни.
 
-Овие обврски подразбираат уредување на плажите согласно сите туристички стандарди – поставување на сервисен пункт, тушови, санитарни јазли, лежалки и други реквизити и содржини за пријатен и забавен престој на туристите, како и попесочување на плажите. Исто така, согласно насоките и упатствата за уредување на плажите, за користење на плажата закупецот е должен да овозможи слободен влез за посетителите т.е. да не се наплаќа надоместок за плажата, а при планирање на просторот, треба да се води сметка 40% – 60% од плажата да биде слободна за користење без оптоварување со лежалки и други реквизити, информитраат од Министерството за транспорт и врски.
 
Најповолните понудувачи за закуп на плажите кај Билјанини Извори, Горица 3 и Грашница ќе бидат обврзани на своја сметка да постават мали пристаништа најдоцна до 15. Јуни, согласно акциониот план за поставување, односно монтирање на мали пристаништа на езерата, со цел дополнителна промоција на туристички атрактивните места во Република Македонија и подобрување на условите во внатрешната пловидба.
 
Вакви мали пристаништа, популарно познати како „понтони“ ќе бидат поставени и на Преспанско, Дојранско и Мавровско Езеро.

Исто така, во тек е јавен повик за издавање под закуп на простор пред угостителски објекти пред кои е предвидено плажа на крајбрежјето на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

За учество на електронското јавно наддавање за давање на плажите под краткотраен закуп можат да се пријават сите заинтересирани правни и физички лица кои ги исполнуваат условите дадени во јавниот повик објавен во печатените медиуми и на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски, кои пред се опфаќаат изготвување на Урбанистичко техничка документација за уредување на капалиштата и банкарска гаранција за квалитетно и навремено завршување на предвидените работи во износ од 1.000.000 денари. Рокот за пријавување сите заинтересирани субјекти е 12. април, а почетната цена на јавното наддавање е 80 денари за метар квадратен за плажите во општина Охрид и 5 денари за метар квадратен за плажата во општина Дебарца, која се наоѓа спроти полетно-слетната патека на аеродромот „Св. Апостол Павле“. Електронското јавно наддавање за сите 15 плажи ќе се одржи на 18 април.

OhridNews