Под мотото „Биди и ти вистински василичар“ организаторите на традиционалниот Вевчански карневал за годинава најавуваат богата музичка програма и интересни активности за посетителите.
Градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски изјави дека за него претставува голема чест што годинава е дел и од организацијата на настанот, што ќе се оддржи од 10 до 14 јануари.
– Најавени се многу гости за овогодишниот карневал , меѓу кои секако неизбежно е и присуството на дипломатскиот кор. Со гордост можам да кажам дека главен адут на карневалот оваа година е гостопримството, па во таа насока жителите на целата општина се подготвени за соодветен дочек на сите посетители. Предвидени се интересни содржини за посетителите од сите возрасти како што се детско василичарко катче за изработка на маски, натпревари во цепење дрва, тркалање буриња, влечење јаже, но и многу богата музичка програма која ќе се одвива во текот на сите карневалски денови.Очекувам успешен карневал, многу смеа и секако зголемување на бројката на посетителите“, изјави Угриновски.
Како што најавуваат организаторите, годинава ќе биде вратен и стариот обичај – ќе биде избрана најдобра групна маска на која ќе и биде подарено буре црвено вино. Во рамки на музичката програма, на 12 јануари ќе настапат Ѓоко Танески и Куку Леле, а како главни главни ѕвезди на вечерта се најавуваат членовите на рок бендот „Ван Гог“. Ќе се одржуваат и дневни акустични свирки во амфитеатарот од страна на етно составот „Теодулија“ од Србија, предводен од Мима Шекуткоска по потекло од Вевчани , кои ќе настапуваат со македонски етно песни.
На 13 јануари е предвидена вечер на македонски ѕвезди и настап на Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Ефто Пупиновски.
Посетителите ќе имаат можност во Вевчани да купат маски и да бидат дел од василичарската поворка.
OhridNews