Под мотото „Писмото е нашиот универзум“, Владата на Република Северна Македонија организира дводневно свечено одбележување на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, во Охрид.
Свеченото одбележување на празникот започнува денеска, во Охрид – колевката на словенската писменост. Оддаваме должна почит на непроценливата просветителска мисија на Светите Кирил и Методиј, со која ги поставија основите на сесловенската писменост и која е инспирација сите следни генерации. Нивното дело живее и денес. Македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, денес е целосно заштитен, признат и е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици и во ОН и во Европската Унија и како таков тој е признат и почитуван во светот, на што сме особено горди. Денес, како резултат на тешките, но храбри одлуки кои ги донесовме, вратите се ширум отворени и за активна промоција, но и за развој на македонскиот јазик и култура, вели во објавата на фејсбук профилот премиерот Димитар Ковачевски.
Во рамки на програмата за денес е предвидено концерт на гудачкиот ансамбл „Антео“ во црквата Св. Софија со почеток во 20 часот. За утре е превидена панел дискусија на тема „Македонскиот јазик во словенскиот свет“ во 10 часот, по што следува во 11.30 часот положување цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј во градскиот парк. Во 12 часот предвидено е обраќање на премиерот Димитар Ковачевски на свеченоста на Плаошник.
OhridNews












