Спасувачките тимови и армијата на Јапонија интензивно го пребаруваат теренот кој беше зафатен од разорното цунами што го предизвика катастрофалниот земјотрес со јачина од 8.9, односно според новите мерења од 9 степени според Рихтер. За жал, како што пренесуваат светските медиуми под урнатините има повеќе тела отколку преживеани. Спасувачите вчера пронајдоа 60-годишен старец како плови на кровот на својата куќа која ја разрушило цунамито педесетина километри од брегот. Повеќе од 10 000 луѓе се водат за исчезнати, а над 250 000 останаа без домови.
Сеуште голема е опасноста од хаварија на нуклеарните централи кои се сериозно оштетени во страотниот земјотрес. Нуклеарните реактори се ладат со морска вода за да се спречи топење на атомските јадрата, што би предизвикало радијација.

Силниот земјотрес го разбуди по 52 години вулканот Шинмоедаке во југозападна Јапонија кој почна да исфрла камења и пепел до 4000 метри височина.
Сеизмолозите предупредуваат дека тлото под Јапонија, која се соочува со најголемата катастрофа по втората светска војна, сеуште е активно и не се исклучува можност од нови разорни потреси и појава на цунами.












