Прекин на врската помеѓу Студенчишко Блато и Охридско Езеро, создавање на нелегални диви депонии, еколошки чисто градско јадро за чување културни вредности, заштита на градското јадро, нефункционирање на колекторот, спречување на загадување на реките и езерото, очила со скенер за артефакти, најмладите се нашата иднина- да посветиме повеќе внимание на едуцирање на учениците, ако не можеш да создадеш не уништувај се дел од темите на кои работеа младите ученици од четирите средни училишта во Охрид во рамките на проектот „Поддршка на иницијативи предводени од млади за заштита и одржлив развој на Светското наследство на УНЕСКО Охридско Езеро“.

Од тимот „Охрид за сите“ од  РЦСОО „Ванчо Питошески“-Охрид велат работеле на проект за спречување на проблемот со отпадните води, потенцирајќи дека многу научиле преку работилниците и теренските посети за Охрид и неговото природно и културно богатство, за проблемите и начините за нивно решавање.

Доста сме задоволни од проектот. Чест ни е што учествуваме, многу научивме, се запознавме со многу нови работи за нас, но и со какви проблеми се соочуваат Охрид и Охридското Езеро. Од нашето училиште имаше уште два тима кои работеа на проекти од кои едниот за стариот дел на Охрид, а другиот за депониите, велат од тимот.

Горан Патчев, конзерватор од НУ Завод и музеј Охрид, вклучен во работилница на која учениците биле запознаени со богатото културно наследство во Охридскиот регион, но и со проблемите и предизвиците со кои се соочуваме при управување со природното и културното наследство, вели дека позитивно бил изненаден и воодушевен од примерите и проектите кои ги дале самите ученици.

Принципите на интегрираната заштита треба да навлезе во секоја пора од општествениот живот. Една од тие алки се токму младите, образовниот систем и токму од најрана возраст треба да развиваат свест за заштита, а понатаму и да се соочуваат со проблеми и предизвици, но и како да ги решаваат. Тие практично преку оваа работилница покрај таа свесност за природното и културното наследство на Охридскиот регион развија и тимска работа и менаџерски дух за справување со такви проблеми, потенцираше Патчев. 

Тамара Радовановиќ Анѓелковска од Центар за ресурси во животна средина РЕЦ- Северна Македонија истакна дека вкупно 13 групи од училиштата работеле на идеи за кампања за подигнување на јавната свест кои биле многу квалитетни.

Добивме одлични идеи и одлични кампањи за подигнување на јавната свест, од кои некои веќе се во подготовка и се спроведуваат, а другите треба сите некако да помогнеме да се спроведат бидејќи младите имаат навистина што да кажат и точно ги осознаваат проблемите и го гледаат решение на истите.

Во рамките на проектот преку работилници и теренски посети, учениците се запознале со важноста на тоа да се заштитува природата и другите вредности на секој можен начин, одржливиот развој и заштита на природните вредности на Охридскиот регион, правилното и одржливото управување со водните ресурси за заштита на биодиверзитетот, но и начинот на изработка на кампања за подигнување на јавната свест, како и примери за граѓански активизам.

Проектот е реализиран од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија во рамки на Програмата за партиципација со УНЕСКО за 2020 – 2021 година, со средства управувани од страна на Националната комисија за УНЕСКО при Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Н.С.Ј