Одржана јавната расправа за Нацрт на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата. На расправата беа присутни претставници на сите засегнати страни; беше презентирана Студијата за валоризација на Студенчишкото Блато, а беше и образложена потребата од прогласување на истото за парк на природата од страна на претставници на Министерството за животна средина.
Студијата за валоризација на Студенчишкото Блато предлага формирање на заштитено подрачје од категорија 4 која се вика Парк на природата, а по прогласувањето треба веднаш да се пристапи кон План за управување кој е клучниот документ кој кажува во која насока ќе се движи управувањето со Блатото, ревитализацијата, односите со приватните сопственици, па дури и помошта која треба да се обезбеди, рече во обраќањето Славчо Христовски, дел од експертскиот тим кој учествувал во изработката на Студијата.
Свесни сме дека во зоната за одржливо користење каде што се наоѓаат приватните имоти треба да се допуштат одредени форми на развој и понатамошно користење. Приватната сопственост е неприкосновена, никој на никого не може да му одземе приватен имот. Управувањето со заштитеното подрачје треба да биде во согласност со законските норми и во согласнот со интересите на заштитана подрачјето, но и во согласнот со интересите на луѓето и институциите кои таму имаат или управуваат со одредени аспекти и тоа практично се регулира во Планот за управување. Главната расправа треба да биде за Планот, што и како ќе се прави во која од овие три зони. Сигурно не се сите заинтересирани за онаа зона на строга заштита и активно управување кои се практично две зони со најзачувани екосистеми. Имаме бројни препораки и ние сме свесни дека тие се долгорочни и треба да бидат вклопени во Планот за управување, рече Христовски.

Во меѓувреме присуствував на работни средби во Министерството за животна средина и просторно планирање и таму ја покренав иницијативата за оваа средба затоа што сфатив дека има многу нејаснотии помеѓу ставовите на сопствениците на земјиштето од една и оние кои го предлагаат законското решение од друга страна. На оваа и претходеа и други средби кои јас ги иницирав, со цел на двете страни да им биде јасно како стојат работите. Факт е дека Студенчишкото Блато мора да ја добие онаа форма на заштита што ја заслужува не само поради препораките на УНЕСКО туку затоа што има одреден редок растителен жив свет во блатото кој мора да го чуваме. Токму затоа е и зонирањето на прва, втора и трета зона. Јас и понатаму ќе стојам на располагање за комуникација меѓу двете засегнати страни. Затоа што само со комуникација и добро објаснување на работите може да се дојде до квалитетни решенија, подвлече градоначалникот Пецаков.

Во исто време сакаме да се усогласат заедничките интереси со цел да се одржи вредноста на имотите и да се овозможи одржливо користење и активности кои овозможуваат економски просперитет за сопствениците. Во зоната на одржливо користење се имотите, но дали според правилникот ќе бидат дозволени објекти за домување и инфраструктура која би ги поддржала истите? Од министерството ни беше кажано дека е дозволено секако со одредени спецификации, но бараме да се зачува и вредноста на земјиштето, рече Ѓорески.

Во однос на Студијата беше потенцирано дека мора да се подобри хидрологијата на Блатото, отстранувањето на градежениот шут, треба малку да се работи на ревитализација на хабитатите, расадникот мора да се премести, да се намали ловот, да се промовира органско земјоделие, да се отстранат пловните објекти од Студенчишкиот канал, да се спровдат научни истражувања во Блатото, да се развираат различни форми на одржлив еколошки туризам, се со цел да овој простор да биде во функција на заштита на природата и туризмот. Од 60,23 хектари колку што е Студенчишкото Блато, зоната за строга заштита каде и се највредните екосистеми зафаќа 5,3 хектари или 8,85%, додека зоната за активно управување е 15 хектари односно 25%. Овие две зони се наоѓаат на државно земјиште. Зоната за одржливо користење зафаќа дури две третини.
Инаку, по Јавната расправа за Нацрт Законот за прогласување на Студенчишкото Блато, Министерството за животна средина треба да го го изготви конечниот Предлог Закон за прогласување на парк на природата и истиот по консултациите ќе биде доставен до Владата која го разгледува и усвојува и се доставува до Собранието и со негова одлука се прогласува Студенчишкото Блато за Парк на природата.
Забелешките и кометари по однос на Нарцт Законот може да се достават најдоцна до 5 март до министерството.
Н.С.Ј.













