Охридскиот огранок на Здружението на поддржувачи на ликот и делото на Јосип Броз – Тито, најостро реагира на Предлог одлуката за преименување на охридскиот кеј од „Маршал Тито“ во „Македонија“, која денеска ќе се најде на дневен ред на седницата на Советот на општина Охрид.

-Не ставајќи го под знак прашање значењето на името на нашата земја, со кое со векови наназад се иденфитикувале сите генерации кои живееле на овој простор, сметаме дека кејот „Маршал Тито“ не треба да се преименува, од причина што на тој начин се деградира името на еден од најзаслужните луѓе за постоењето на Република Македонија. Името на нашата држава, сите гордо го носиме и го промовираме во светски рамки. Тоа е нешто што засекогаш ќе остане во нераскинлива врска со нашиот идентитет и со припадноста кон македонската нација. Но бришењето на Јосип Броз – Тито значи оспорување на цел еден период од 50 годишна историја, и навреда на спомените на илјадници Охриѓани, кои најчесто се врзани со овој кеј, стои во писмената реакција од здружението.

Во неа се потенцира дека Јосип Броз – Тито, своевремено бил голем љубител на Охрид и го промовирал градот на многубројните светски државници, кои доаѓале во посета на поранешна Југославија.

-Упатуваме апел до советниците во општинскиот Совет, како претставници на граѓанската волја да застанат против ова преименување, затоа што, доколку дојде до тоа тие ќе ги избришат и сеќавањата на половина од историјата на нашиот град, стои меѓудугото во писмената реакција.

OhridNews