Во организација на граѓанското движење „Протестирам“ денеска во Охрид со почеток во 18:30 часот на плоштадот кај „Чинарот“ по 11-ти пат ќе се организира мирен протест на кој граѓаните ќе може да го искажат своето незадоволство од одлуките на власта. Претходниот протест на граѓанското движење „Протестирам“ во Охрид се одржа на 31-ви мај 2016 година.

Инаку движењето „Шарена револуција“ на вчерашниот протест во Скопје ги испорача своите барања до власта и ѝ даде рок до 18-ти јуни за исполнување на истите.

Во прогласот кој е објавен на официјалната Facebook страница на Шарената револуција на владата ѝ се порачува „да ги сфати многу сериозно“ и „итно да ги исполни“ нејзините ултиматуми „за оваа криза да не се продлабочи уште повеќе“. Според нивниот план сега треба многу брзо да бидат исполенти два од нивните услови, а тоа се Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство и да запре прогонот врз демонстрантите.

Покрај овие барања тие бараат и оставка на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и формирање преодна влада, потоа формирање специјално одделение во Кривичниот суд за предметите на СЈО, вклучување на граѓанските организации во преговорите, оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија

Тие најавија радикализација на протестите со блокади на раскрсниците во Скопје од среда 8-ми јуни затоа што велат дека така ќе покажат како всушност изгледа животот во блокирана држава со блокиран пристап до правда, блокирани и партизирани институции.

OhridNews