Новите одредби во предлог-законот за превоз на патници предвидуваат дека при вршење на такси-превоз, лиценцираниот превозникот може да стои исклучиво на стојалиштата определени од страна на општините, а не на местата предвидени за автобуси. Според предлог законот кој дeновиве го мина првото читање во Собранието на седница на Комисијата за транспорт и врски, таксистите веќе нема да смеат да земаат и оставаат патници на автобуските станици, а доколку возачот два пати го прекрши новото правило, се соочува со трајно одземање на лиценцата за вршење авто-такси дејност.

Дел од охридските такси-превозници засега не се запознаени со новите одредби кои се соддржат во предлог-законот, но велат дека истите можат да помогнат во искоренувањето на нелегалните и диви такси-возачи.

Одредбите кои веројатно ќе стапат на сила штом го поминале првото читање во комисијата, можат различно да се протолкуваат од многу аспекти. Мое мислење е дека истите ќе помогнат во сузбивање на онаа нелојална конкуренција која со години го нарушува нашиот имиџ. Конкретно кај новата автобуска, со години постојат такси-паркинзи  каде лиценцираните превозници можат да ги чекаат патниците. Не гледам никаков проблем во спроведување на законот.“ – велат дел од охридските такси-превозници.

Други со дијаметрално спротивни ставови, нагласувајќи дека предвидените законски одредби ќе удрат по џебот на сите такси-превозници.

Некои се обидуваат да бидат стручни за оваа дејност, а немаат допирна точка со неа. Од една страна, кога ни се брза сакаме експресен превоз и пред нос да ни застане таксист, а потоа викаат не сме чинеле.“  – нагласува охридски таксист, кој инсистираше на анонимност.

Граѓаните со доза резерва гледаат на новите законски одредби, сомневајќи се дека во иднина истите ќе бидат целосно спроведени во пракса.

Отсекогаш автбуските постојки се окупирани од такси-превозници и не верувам дека во догледно време сликата би се изменила. Потребни се покрупни реформи и спроведување на законот на терен. Не само на овој, туку и на оние со кои се предвидуваат казни за дивите таксисти.  Колку ли само закони, одредби и норми донесоа, а истите се почитувале неколку месеци и пак по старо.“ – велат граѓани со кои разговаравме.

Инаку, во новите измени и дополнувања Законот за превоз во патниот сообраќај се предвидува дека при вршење на авто такси превоз, превозникот може да стои исклучиво на авто такси стојалишта определени од страна на општините. Доколку превозникот два пати е казнет за непочитување на наведената одредба, органот што му ја издал лиценцата за вршење на авто такси дејност може да донесе решение за трајно одземање на лиценцата за вршење на авто такси дејност. 

O.T.