Подготoвка на раководниот и командниот кадар од просторните сили за заштита и спасување, во делот на превенција и делување во случај на природни непогоди и други несреќи, беше целта на обуката која беше организирана денеска во Општина Охрид.
Обуката ја спроведе Центарот за обуки при Дирекцијата за заштита и спасување и на неа учествуваа вработени во Локалната самоуправа кои се членови на Кризниот штаб, претставници на јавните претпријатија, претставници на противпожарната единица, претставници на единицата за планинско спасување и спасување на вода, медицински лица и претставници на други институции.
Како одговорна власт, согласно одредбите од Законот за заштита и спасување имаме донесено Програма за заштита и спасување, која предвидува превентивни и плански програмски мерки кои се преземаат со цел навреме да се откријат и спречат природни непогоди и други несреќи и да се отстранат последиците од настанатите природни непогоди во мир, воена и вонредна состојба, рече пред почетокот на обуката градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Преку овие активности создаваме услови за организирано делување и обезбедуваме можности за соодветна опременост и координираност на силите за заштита и спасување и за справување со кризни состојби, со една основна цел, а тоа е заштита на граѓаните, материјалните добра и природните ресурси. Очекувам оваа обука да овозможи соодветна подготовка на вработените во општината и сите кои се вклучени во заштитата и спасувањето на локално ниво и да ги пренесе сите потребни информации и практики на кризниот штаб, истакна Пецаков во своето обраќање.

OhridNews












