Согласно Одлуката за усвојување на Измените и дополнувањата на програмата за заштита на животната средина и природата за 2025 год. Општина Охрид во рамки на истата има предвидено изготвување на Студија за проценка на еколошкиот отисок на Општина Охрид.

Еколошкиот отисок се наметнува како една од водечките мерки за пресметување на човековата побарувачка од природата. Тоа е метрички управуван податок кој покажува колку одржливо живееме. Пресметките се како „банкарски извештаи“ со кои документираме дали живееме во рамките на нашиот еколошки буџет или ги консумираме природните ресурси повеќе и побрзо отколку што тие може да се обноват. Еколошкиот отисок се мери како природна област или како износ на природниот капитал кој се консумира секоја година или хектари површина кои им се потребни на сите жители вклучувајќи ја и природната област потребна за да се асимилира произведениот отпад и да го филтрира јаглерод диоксидот, посочуваат од Општина Охрид.

Потенцираат дека Општина Охрид во определбата за дефинирање на насоките за одржлив развој има потреба од определување на својот еколошки капацитет и утврдување на својот еколошки отисок (печат), како алатка за мерливо управување со развојот.

Еколошкиот отисок, како мерлив индикатор на одржливиот развој, треба да го определи биолошкиот капацитет на просторoт на Општина Охрид во однос на предизвиците и потребите во секојдневниот живот на граѓаните во областите на транспортот, домувањето, обработката на земјиштето, создавањето на отпадот, индустриското производство и сл., појаснуваат.

Истиот, велат, треба да даде одговор на прашањата колку простор е потребен за граѓаните, за создавање на се она што го консумираат од своето опкружување (продукти и ресурси) и што произведуваат и со што ја обременуваат својата животна средина (отпад и емисии), при што податоците се обработуваат на годишно ниво.

Еколошкиот отисок на една одредена популација е мерка на влијание кое тие луѓе го имаат врз нивната околина. Се мери вкупното количество на обработлива почва и на вода што се потребни за производство на сите ресурси кои се искористуваат и количеството обработлива почва и вода потребни за згрижување на отпадот што популацијата го создава.

Пресметувањето на еколошкиот отисок треба да ги вклучи деталните информации за потрошувачка на ресурси во одредена базна година, за: храна, енергија, транспорт, изградена инфраструктура, отпад и туризам.

Еколошкиот отисок на Општина Охрид не може да биде само збир на еколошките отисоци пресметани за секоја од наведените компоненти и категории. Врз основа на еколошкиот отисок се добиваат значајни податоци за идентификација на проблемите и каде се лоцирани. Во оваа смисла, еколошкиот отисок е само првиот чекор во изработка на проценката на одржливиот развој на општината. Урбанистичкото планирање како комплексна дисциплина, бара поширок, попотполн и сеопфатен метод на проценка кој треба да опфати, покрај анализата на трошоците и добивките, економските и социјалните влијанија, трошоците на животниот циклус (транспорт, инфраструктура на водите за пиење и отпадните води и сл.), и предлог мерки и активности во насока на унапредување на одржливиот развој на Општина Охрид, посочуваат.

Сеопфатна слика за одржливоста на општината, додаваат од Општина Охрид, може да се добие ако општината не се набљудува како збир на издвоени делови и функции, туку како урбан екосистем.

Во насока на добивање информации за животните навики и потрошувачката на ресурси за да може да се пресмета локалниот еколошки отисок на жителите на Охрид, Општина Охрид објави прашалник.

OhridNews