Поради најавите за врнежи од снег и многу ниски температури во наредните денови, Управувачкиот комитет за кризи, одржа седница на која донесе повеќе подготвителни мерки. Донесените заклучоци и препораки се испратени до сите надлежни институции чија цел и основна задача е подобра подготовка во функција на справувањето со определени ризици кои може да се појават.

Во поглед на ризикот кој може да настане во врска со снабдувањето со електрична енергија, Управувачкиот комитет донел заклучок со кој компанијата ЕВН треба да формира тимови кои ќе бидат со зголемена мобилност и зголемена оперативна подготвеност кои ќе треба да реагираат во случај на нарушување на системот за снабдување со електрична енергија.

Околу проодноста на патиштата, од комитетот истакнуваат дека централно место во функција на обезбедување на движење на сообраќај, на проодност на патиштата би требало да имаат ЈП Македонија пат, единиците на локална самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Екипите на ЈП Македонија пат треба да бидат во постојана оператива, готовност за реакција на определени критични точки кои постојат на патиштата. Бил донесен заклучок дека доколку се појави потреба, ќе има забрана на движење на тешки транспортни возила на определени патишта од четврток до понеделник.

– Би сакале да апелираме сите граѓани кои немаат особена потреба за патување во текот на викендот да не патуваат, оние транспортери кои може да ги одложат своите транспортни рути во текот на викендот да ги одложат доколку тоа не предизвкува економска штета за нив, а оние граѓани и транспортери кои ќе се решат да патуваат треба да поседуваат зимска опрема за сообраќај и за чистење на патиштата, пакети за прва помош и определено количество вода и храна, нагласуваат од од комитетот.

Според донесените заклучоци, се наложува во текот на денот сите општини во Република Македонија да формираат кризни штабови во рамки на кои ќе вклучат претставници од Центарот за управување со кризи, на Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи, да ги мобилизираат сите свои јавни комунални претпријатија, сите свои ресурси, капацитети кои би можеле да бидат од помош во справување со определени ризици кои би можеле да настанат.

– Доколку проценат дека со искористувањето на ресурсите кои се во нивна сопственост не можат да се задоволат определени потреби и да се надминат определени предизвици своите потреби да ги пријават до органите на централната власт. Донесен е заклучок до МВР и Армијата на Република Македонија, припадниците на полицијата и на војската да бидат во состојба на зголемена готовност, додаваат надлежните.

До граѓаните се упатува порака од петок до недела, понеделник, без потреба да не излегуваат од дома со цел заштита на здравјето од студениот бран и од грипот. Ако граѓаните мора да излезат од дома треба да бидат соодветно топло облечени и да се престојува од време на време во топли простории. Постарите и хронично болните не треба да излегуваат од дома, а ако имаат потреба од терапија да се јават на патронажна служба, на Црвен крст, на Итна медицинска помош, за да им се обезбеди таа терапија.

Комисијата за студени бранови при Министерството за здравство денес ќе одржи состанок и ќе бидат известени сите здравствени установи да обезбедат доволно терапија во овој период, доволно кадар и сместувачки капацитети. Планирано е во овој период заедно со останатите институции да се посетат старите осамени лица, да се направи мапирање сега пред да почне студениот бран, да се види дали имаат потреба од храна, огрев, лекови и тоа да им се донесе.

Од републичкиот Црвен крст информираат дека на патните правци Скопје-Охрид и Скопје-Крива Паланка нивни тимови ќе бидат дежурни наредните денови. Се формирани прифатни пунктови односно центри во Кичево, Гостивар, Куманово и Крива Паланка за евентуално ако дојде до застој во сообраќајот да се излезе во пресрет.

OhridNews