Со садење дрвце во струшкиот Парк на поезијата во чест на добитникот на највисокото признание „Златен венец“, за 2018 година, полскиот поет Адам Загајевски, на 22 август ќе започнат годинешните Струшки вечери на поезијата.

Официјалното отворање е вечерта со палење на фестивалскиот оган и традиционалното читање на Константиновата „Т’га за југ“ пред Домот на поезијата, по што ќе следи Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

Престижната награда „Златен венец“ на Загајевски ќе му биде врачена на затворањето на фестивалот на традиционалното поетско читање „Мостови“, кога ќе бидат доделени и наградите „Мостови на Струга“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО за најдобра дебитантска книга, а годинашниот добитник е Паули Тапио од Финска, како и „Браќа Миладиновци“ чиј добитник треба да биде објавен во текот на фестивалското издание.