Подготовките за Богојавление-Водици се во полн ек, а бидејќи празникот се паѓа во недела, се очекуваат голем број гости да допатуваат на охридската ривиера.

Така сместувањето со доручек за Водици во дел од охридските хотели ќе чини од 10 – 12 евра, а угостителите ќе нудат попусти и до 30 проценти. Како што вели претседателот на Асоцијацијата на хотелиери на Македонија(ХОТАМ), Дончо Танески, оваа година за празникот Богојавление се очекуваат домашни, но и туристи од соседните земји.

Постои интерес, а според најавите очекуваме да бидеме посетени претежно од домашни туристи. Исто така, оваа година имавме добар маркетинг во балканските земји, а се надеваме да не посетат гости од соседна Србија и Бугарија.“ – вели Танески.

Туристичките работници од приватните сместувачки капацитети, велат дека искуствата од минатите години, покажуваат дека најголемиот дел од резервациите се прават ден пред празникот Богојавление-Водици.

Се уште немаме никакви резервации, но искуството од минатите години покажува дека најдоцна ден пред празникот, најчесто се најавуваат домашните и гостите од соседните земји. Во секој случај, се надеваме дека барем барем два дена, капацитетите ќе бидат исполнети со оглед на тоа што Водици се паѓа во недела, а понеделникот е неработен ден за граѓаните.“ – вели сопственик на апартмани од централното градско подрачје.

Дел од охриѓани сметаат дека овој ден од година во година прераснува во вистинска атракција, привлечна за многумина кои до сега не допатувале во Охрид за овој голем празник.

Традиционално некои слават Бадник, други Василица, но несомнено дека Охрид е препознатлив токму по Богојавление-Водици. Од година во година, овој ден прераснува во вистинска атракција која е привлечна за многумина.“ – сметаат дел од граѓаните.

Новиот кум на манифестацијата Водици, градоначалникот Никола Бакрачески, неоддамна најави богата програма и четиридневно одбележување на големиот празник. Прославата започнува на 17-ти јануари со концерт на познатата балканска музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ во спортската сала „Билјанини извори“.

Се надевам дека моето прифаќање на кумството ќе даде значаен придонес во одбележувањето на празникот. Ние и како локална самоуправа ќе ја поддржиме манифестацијата, која благодарение на здружението „Богојавление“ и подршката од правните и физички лица, од година во година е се попосетена и станува препознатлива туристичка  атракција која треба да биде предност за привлекување туристи и вон туристичката сезона.“ – изјави неоддамна новиот кум на манифестацијата, градоначалникот Никола Бакрачески.

Покрај овој концерт, одбележувањето на празникот ќе биде збогатено со низа други културни настани. На 18-ти овој месец, најавен е настап на хорот „Злата Мегленска“ или на ансамблот „Танец“. Централната прослава на празникот со црковни обичаи ќе се одржи во недела, 19-ти јануари, кога ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро и ќе биде фрлен чесниот крст. На 20-ти јануари, понеделник, ќе биде одбележан Денот на рибарите. Предвидено е и оваа година да се приготви рибна чорба за сите посетители на манифестацијата.

O.T.