Проектот за уредување на на Билјанини извори е подготвен и се очекува да биде тендериран на почеток на 2027 година, најави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков одговарајќи на советничко прашање денес на одржаната седница на Советот на Општина Охрид.

Дали се планира во иднина да се распише тендер, јавен повик за изработка на еден комплетен урбанистички проект којшто ќе го опфати просторот од самиот влез од улицата „Туристичка“ и целиот комплекс до Хидробиолошкиот Завод за разубавување на овој простор, бидејќи сега моментално како што е, сè е само не е туристичка атракција и локација. Значи имате грмушки, имате трње, каналот апсолутно не е никако среден… Исто така, сведоци сме дека секоја година имаме поплавување таму, наместо водата да тече онаму кај што е насочена, тече по патеката и бројни се реакциите од туристите бидејќи не можат ни да пристапат, рече Костоски.
Градоначалникот Пецаков посочи дека со проектот кој е веќе подготвен е опфатен делот од паркингот од спортската сала односно булевар „Туристичка“ па сè до Изворите. Истиот вклучува уредена патека, уреден канал, зеленило и патеки, како и урбаната опрема којашто се наоѓа кај самите Билјанини извори.
Н.С.Ј.










