Ниските утрински температури и ладното време можат донесат главоболки кај граѓаните, при стартување на своите „миленици“ на четири тркала. Со цел избегнување на несакани проблеми и дополнителни нервози, препорачливо е граѓаните пред почетокот на зимскиот период да преземат низа мерки и да посветат поголемо внимание за своите автомобили.

Охридските автомеханичари информираат дека постои посебна грижа, која граѓаните треба да ја водат за возилата во периодот кој претстои.

Постојат непишани правила кога станува збор за грижата на возила во овој период. Во ладилникот мора да има антифриз, кој се менува на секои две години.  Ако мора да се додаде течност, тоа нека биде дестилирана вода. За да  немате проблеми со палањето, обратете внимание на акумулаторите. Додадете течност доколку е потребна или извршете мерење на амперажата.“ –  вели Сашо Симоноски од авто-сервисот „Паце“.

Според него, во овој период потребна е целосна проверка на „свеќиците“ и електричната инсталација во возилата, како би се избегнале нервози во ладните утрински часови.

Каблите за палење секогаш нека ви бидат на дофат. Возете со зимски гуми, кои морат да имаат минимум широка шара. Додадете течност која не замрзнува за бришачите, која се користи при замрзнато ветробрано стакло. За превенција направете замена на маслото и проверка на  кочниците, филтрите за воздух и светлосните склопови. Исто така,  подмачкајте ги шарките на вратите и бравите со средство кое не замрзнува.“ – додава Симоноски.

Од  Авто- мото сојузот на Македонија потсетуваат дека од 15- ти ноември (утре), започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Секое лице кое управува возило, потребно е да се поседува зимски гуми со шара од минимум 4 милиметри или синџири за снег.

Оваа обврска ќе трае до 15- ти март наредната година.

O.T.