Никако да се надминат проблемите со несоодветното одлагање на отпадот. Од ЈП „Охридски Комуналец“ овојпат ја чистеа покуќнината која заврши во водите на реката Грашница, но и отпадот и шутот под мостот на реката Сушица.

Овојпат покуќнина заврши во водите на реката Грашница по нејзиното течение по ул.„Ариф Мустафа”. Со ангажирање на специјална механизација кабастиот отпад е подигнат од речното корито. Се интервенираше и кај мостот на реката Сушица, на пресекот со ул.„15-ти Корпус”, каде се подигнати големи количини тешко разградлив отпад и разновиден шут, велат од претпријатието.

Претходно од ЈП информираа за секоја потреба која ја имаат граѓаните за депонирање на кабаст и зелен отпад и градежен шут дека е достапен дежурниот телефон 075-495-428 секој ден во неделата од 07.00 часот до 21 часот и воедно апелираа да се почитува комуналниот ред.

OhridNews