Во ООУ „Кочо Рацин“-Охрид успешно привршуваат проектните активности во еТвининг проектот My Plan@ (Мојата планета, Мојот план за поубава планета). Во него учествуваат членовите на Клубот на екологости „Магнолија“ (16 ученика од VI и VII одделение) кои работат под менторство на наставничката Татјана Лошкоска.

Проектот опфаќа неколку домени: разбирање, освестување, иницирање, примена и споделување и теми поврзани со зачувување на нашата планета: заштита на животната средина, климатски промени итн.,  информираат од училиштето.

Вклучени се повеќе од 30 училишта од други држави: Хрватска, Србија, Албанија, Романија, Шпанија, Латвија, Турција и Грција. Учениците реализираа различни проектни активности (изработка на постери и презентации; пишување пораки, ученички творби, колаборативни приказни; собирање отпад и рециклирање; итн.).

На меѓународно ниво во проектот биле одржани вкупно 51 активност по повод Меѓународниот ден на планетата Земја и 35 работилници и активности по повод Светскиот ден на водата.

Активностите вклучуваа употреба на различни дигитални алатки, а како краен продукт на проектот е изработка на е-книга со приказни на тема иднината на планетата Земја. Имајќи го во предвид технолошкиот напредок и продирањето на вештачката интелигенција во образованието проектните партнери се договорија една од активностите да биде имплементација на вештачката интелигенција (ChatGPT и DALL-E-2) кои ни помогнаа во генерирање на содржините на приказните и илустрациите. На овој начин се поттикна висококвалитетното користење на вештачката интелигенција, додаваат од училиштето.

Воедно информираат дека акцент бил ставен и на негативните ефекти од користењето и злоупотребата на таквите алатки со цел да се подигне свеста за правилна употреба на новите технологии.

OhridNews