Зајакнување на соработката помеѓу Собранието и единиците на локалната самоуправа со вклученост на граѓанскиот сектор беше целта на настанот кој се одржа денес во Општина Охрид во рамки на иницијативата „Младите во фокусот“, во организација на Клубот за младински прашања и политики во Собранието на РС Македонија, во соработка со Општина Охрид и Институтот за добро управување и евроатлански перспективи.
Моника Зајкова координатор на Клубот на младински прашања и полтики во Собранието на РСМ истакна дека оваа инцијатива која произлегува од Клубот кој брои млади пратеници од различни политички определби има за идеја да ги стави во фокус младите, да ја поттикнат соработката меѓу централната и локалната власта во доменот на младите со цел истите да се вклучат повеќе во креирање на опшествените политики, но и во самите политички процеси.
Во рамки на Клубот како приоритетно прашање беше Законот за млади и неговата имплементација. Главен фокус на средбата е функционирање на Локалниот младински совет, да добиеме информации како истиот функционира, кои се предизвиците, но и младинските канцеларии, а воедно и во соработка со Институтот за добро управување и евроатлански перспективи да почнеме да го отвораме прашањето за дигиталната трансформација која навистина многу може да им го олесни животот не само на младите луѓе, тука и на сите граѓани. Треба да работиме на овие две полиња за да дадеме конкретни резултати и да им овозможиме на младите повеќе да си го гледаат животот дома, односно да им е предизвик да останат тука, а не да заминуваат надвор, рече Зајкова.
Дали и колку младите луѓе ќе се иселуваат од Македонија или од Охрид многу зависи од тоа каква перспектива ќе добијат денес, рече Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на Институтот за добро управување и евроатлански перспективи.
Ваквите настани се со цел да се согледа се тоа што се нарекува денешни, но и утрешни можности и перспективи за младите луѓе, но и најважно од се соработка која би се направила на релација локална самоуправа и Собрание со посредство, поддршка или вклученост на граѓанскиот сектор. Верувам дека ова ќе е само еден пример како институциите на локално и централно ниво може и треба да функционираат во интерес на младите луѓе, во интерес на државата и дека ќе биде уште еден пример каде ќе се стават потребите на младите и граѓаните, а политиката ќе остане каде што припаѓа, помеѓу политичките партии, додаде Кордалов.
Раководител на Сектор за образование, Димитар Спасески се наврати на постапките во однос на формирање на Младинскиот совет и носењето на Програмата, потенцирајќи дека Младинскиот центар е во финална фаза за отпочнување со работа.
Објавен беше и јавен повик за избор на младинска организација која ќе помогне во менаџирање и координирање на Младинскиот центар, Коалицијата СЕГА, доделени се простории за центарот, опремен е, од УСАИД се добиени дополнителни средства за доопремување и веќе сме во финална фаза. Ангажирани се лицата кои треба да работат во Младинскиот центар и сме во финална фаза за отпочнување со работа. Просторот е во рамките на старната касарна и малдите ќе може да ги користат. Донесена е и Програма на седница на Совет, со што младите имаат и сопствен младински буџет. Со напомена до младите дека нема да бидат ограничени во однос на колку средства ќе им дадеме туку секоја нивна идеја која ќе се спремни да ја реализираат ќе сме спремни како локална самоуправа да ја поддржиме. Имаме една цела Програма на поддршка на младите и преку образовните институции. Најмалку 50% од буџетот на некој начин го трансферираме до младите преку различни програми. И тоа ни е интенција и како локална самоуправа ќе го зголемуваме во иднина и се повеќе и повеќе мерки ќе насочуваме кон младите следејќи ги нивните потреби, можности, желби, додаде Спасески.

Во моментов сме во тек со изработка на првиот проект, дадовме 6-7 предлог проекти, а според буџетот беа одобрени два како приоритетни за да почне да функционира Младинскиот совет со некои активности. Едниот беше споведување анкети, дискусии, јавни дискусии, со училишни и младински заедници со други младински организации…анкети во својство колку младите ја гледаат перспективата тука, проблемот со вработување, примањата во споредба со други градови и надвор од државата. А другиот проект беше „Урбаната уметност“. Сакавме да покажаме дека некое дело кое ќе разубави некои оштетени фасади, стари објекти не мора да се смета за вандализам. Но, секако овие активности ќе бидат спроведени со дозволи. Во текот на втората половина на септември и првата на октомври треба да бидат уредени неколку објекти и места. До 2023 се надеваме дека ќе биде уште поголема Програмата, да се доработат проектите кои ги имавме, бидејќи имаше доста интересни и приоритени работи во поглед на вклучување на младите од училиштата, екологија, кариерно советување. Бидејќи работата е волонтерска и сите ние функционираме и во други младински организации и невладини, и кога не сме вклучени конкретно преку Советот делуваме за младите и општо за градот Охрид. Се надеваме дека кога ќе ни заврши мандатот ќе има добра основа да се продолжи и на крајот на 2022 година ќе имаме што да покажеме, рече Цветкоски.
Живка Ангелоска, советничка од СДСМ Охрид истакна дека процентот на иселување на младите треба да претставува основа во делувањето и треба да се даде максимумот во рамките на нивните надлежности да направат што повеќе за подобрување на квалитетот на живеење на младите во општината.
Горда сум што сме во општина која веќе има Локален младински совет, и секако дека сите забелешки кои се конструктивни и во насока за вашето подобро функционирање треба да бидат имплементирани и поддржани. Ќе бидеме успешна општина само доколку повеќе ве вклучиме во донесувањето на локалните политики во општината. Но, би сакала да имате што повеќе иницијативи и предлози, зошто верувам дека ниеден советник нема да ви даде црвено светло на сето тоа што е издржано и може да се реализира на општо задоволство на граѓаните на Општина Охрид, рече Ангелоска.

Ние како „Инклузија“ работиме структурно на младинска политика. Не се согласувам дека Локалниот совет добро функционира, мислам дека треба да се направи реорганизација, бидејќи истиот е многу затворен и не е отворен за младите. Сметам дека нема доволно инлузивност и вклученост на етничките заедници, додаде Мемед.
Настрана од тоа што претставува Буџет на Младинскиот совет наша работа е да ве поддржиме, а вашата да давате предлози и иницијативи, рече градоначалникот Кирил Пецаков.
На настанот беа присутни и советници од Советот на Општина Охрид, претставници од локалната самоуправа, како и претставници на младински здруженија.
Н.С.Ј.













