Во пресрет на новата туристичката сезона членовите на Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет Мобилност ќе добијат десет реконструирани апартмани, што се наоѓаат во комплексот „Охридати“ во Охрид. Предвидено е да бидат сместени околу 700 членови, вели Стојан Савески од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Реконструкцијата, која опфаќа повеќе компоненти, ќе го подигне нивото на енергетската ефикасност на објектите преку промена на надворешната и внатрешната столарија, зголемена изолација, а ќе бидат извршени и зафати за внатрешно преуредување и осовременување на објектите. Активностите се одвиваат во рамките на проектот „Подигнување на енергетската ефикасност на јавните објекти“, што го спроведува Центарот за развој на Југозападниот плански регион, одобрен од страна на Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој, информира Савески.
Мобилност која е формирана 1986 година и како национална инвалидска организација има за задача да ги претставува и застапува лицата со телесен инвалидитет и нивните интереси, вели Савески е организација која меѓу другото се грижи и им пружа рекреативни активности на своите членови.
Центарот за развој на Југозападниот плански регион, во теков на оваа година, реализира два поголеми проекти – едниот со цел да се подигне енергетската ефикасност на четири јавни објекти во општините Охрид, Дебрца, Кичево и Дебар, додека во Пласница и Македонски Брод се спроведуваат активности за подигнување на квалитетот на животната средина преку обезбедување на садови за селектирање отпад, односно регулација на каналската мрежа, додава Савески.
За оваа намена, вели, обезбедени се 20 милиони денари, преку Програмата за регионален развој на Бирото за регионален развој од централниот буџет.
OhridNews













