Ова, како што пренесува „Макфакс“ го истакна вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски во однос на подобрување на туризмот во Македонија, кој додаде дека до јули оваа година имаме за околу 24,5 проценти повеќе странски туристи во однос на истиот период лани.
Податоците на Народната банка покажуваат и дека приливот на средства од туристички услуги бележи зголемување за 19 отсто и изнесува 98 милиони долари.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески истакна дека зголемениот број на странски туристи доведе и до зголемување на бројот на патници на македонските аеродроми.
„Во месеците од јуни до август оваа година на аеродромите е забележано зголемување, имено во овие три месеци на двата аеродроми се преземени 293.613 патници, додека во истиот период лани 255.939 патници. Најголем пораст е забележан во јули кога на двата аеродроми се преземени 113.010 што преставува пораст од 17,4 проценти во однос на истиот месец минатата година“, рече Јанакиески.
Во однос на тоа дека бројот на домашни туристи како и понудите од агенциите за македонските летувалишта сеуште е на незадоволително ниво, претставникот од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) вели дека хотелите имаат склучено договори со домашните агенции, но тие не се засновани на закуп на легла туку според барање на агенциите.
Од домашните агенции на почетокот на август велеа дека хотелиерите не им доставуваат понуди за цената на собите, а и водат нелојална конкуренција со тоа што нудат пониска цена доколку гостинот сам си резервира, наместо преку туристичка агенција.
Агенциите тврдат дека и на македонските граѓани повеќе им одговара да си најдат на лице место сместување во Охрид, отколку да резервираат преку туристичка агенција, бидејќи на тој начин можат и по поевтина цена да се сместат.
Според податоците на Државниот завод за статистика за периодот јануари-јули 2011 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 9,1 отсто и тоа кај домашните туристи има намалување за 3,1, а кај странските има зголемување за 24,5 отсто.
извор: „Макфакс“