Пливачката патека во Охридското Езеро од „Св. Наум“ до градското пристаниште во Охрид е примамлива не само за професионалците и светската пливачка елита, туку и за рекреативците кои на ривиерата доаѓаат од целиот свет.
Деновиве, Македонката Катинка Димкароска, нашинка која е родена и живее во Словенија, за нешто помалку од 13 часа успеа да го преплива „Бисерот на Балканот“. Иако се работи за „рекреативец“ кој за прв пат плива во слатки води, сепак мотивот бил преголем за се одлучи на овој подвиг.
„Идејата за овој подвиг ми дојде сосема случајно, гледајќи ги олимпијците пред неколку години. Имав голема желба да го испливам Охридското Езеро, па така го одредивме датумот и се спонтано се случи.“ – вели Катинка Димкароска, нашинка, која живее и работи во главниот град на Словенија.
Димкароска, „Маратонската патека“ успеа да ја преплива „краул“, со претходни интензивни психички тренинзи.
„Претпоставував дека ќе имам помалку за пливање, но испаднаа речиси 13 часа. Тргнав во 6 утрото од Св. Наум, а нешто после 18 часот бев на градското пристаниште во Охрид. Нормално, со помош од мојата добра екипа, која цело време беше покрај мене за време на подвигот. Правев кратки паузи, како би добила стабилност и би ја пребродила онаа криза, која секогаш се јавува за време на пливањето. Присебна ме одржаа оние домашни енергетски напитоци кои меѓувреме ги конзумирав. Последните 200 метри ми беа најдолги и најтешки од целата патека.“ – потенцира Димкароска.
Меѓудругото, таа досега два пати со велосипед го има извозено патот од Љубљана до Охрид. Како што вели, следниот предизвик и е да стигне пеш или со трчање од главниот град на Словенија до Охрид.
„Два пати со велосипед имам дојдено од Љубљана до Охрид, а минатата година ја обиколивме Македонија, Егејот и Истанбул. Исто така, имавме една тура од Словенија, преку Хрватска, Босна, па се до Бока Которска и назад. Морам да потенцирам дека сите мои „излети“ се строго рекреативни, а единствената припрема ми е психичката.“ – вели Димкароска.
За Охрид вели дека е одлична туристичка дестинација која е примамлива и има што да им понуди на гостите. Единствено, Димкароска има забелешка на пловилата во езерото, кои немаат соодветни еко-мотори.
„Освен водата, оваа година малку имам видено од градот. Порано ми сметаше сметот и недостатокот од канти за отпадоци, но мислам дека тој проблем веќе се решава. Она што ми смета се моторните пловила во езерото, посебно тие со голема кубикажа. За разлика оттука, во Словенија се дозволени само мотори на електричен погон или весла.“ – објаснува Димкароска.
На младите им препорачува да се „тргнат“ од компјутерите и своето слободно време да го искористат во спорт и рекреација.
„Младината е премногу окупирана со технологијата. Тоа е прилично тажно. Би можеле сите да одвојат повеќе време за рекреација, чист воздух или некое хоби. Кога сме кај предизвиците, мислам дека секој може да ја исполни онаа зацртана цел, доколку навистина ја сака.“ – завршува Димкароска.
O.T.