Дванаесетгодишниот Марко Пејчиноски направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа во еден здив успеа да го преплива Охридското езеро. Тој утрово во 9 часот и 30 минути тргна од Св. Наум, а на градско пристаниште пристигна околу 18 часот и 15 минути.

  • Не очекував дека ќе биде олку лесно. Сега, откако пристигнав на целта чуствувам замор, а во водата на Охридското Езеро ми беше супер. – беа првите зборови на Марко после пристигнувањето на градското пристаниште.

Тимот на Црвениот крст од Охрид, лекарска екипа предводена од Др. Горан Балевски и OhridNews цело време го пратеа секој „завеслај“ на Марко во Охридското Езеро. – На почетокот видов решителност во неговите очи и повеќе верував во него, отколку во мене. Морам да признам дека Марко езерото го преплива во исто темпо од почетокот до крајот. Имаше околу 60 завеслаи во минута, без ниту една криза или лекарска интервенција. – потенцираше Балевски.

Помеѓу присутните на целта беше и легендата на македонското пливање Дики Бојаџи кој прв му честиташе на големиот херој. 

– Ова дете ни одржа спортска лекција на сите и ни покажа како треба да се користи езерото. Наназад педесет години никој охриѓанец не го препливал Охридското езеро, затоа треба да се слави името на Марко. Честитки до детето и фамилијата која сигурно му била најголема поддршка. – рече Бојаџи.


Мајката на Марко, Виолета Пејчиноска имаше само пофални зборови за својот син кој многу веројатно ќе ги помести границите во пливањето и охридскиот спорт.

-Немам зборови како да го опишам задоволството. Многу сум горда на Марко кој покажа дека со волја може се` да се направи. Секоја чест и за неговиот татко без кој сигурно немаше да се осети сигурен како што беше во текот на последната година. – потенцираше Виолета.

Локалната самоуправа најави поддршка за вакви спортски подвизи.– Во името на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски и Локалната самоуправа сакам да му честитаме на Марко за неговиот неверојатен подвиг. Тој денеска не направи многу горди. Во иднина сите треба да го следиме неговиот пример. – истакна заменик градоначалникот, Др. Константин Георгиевски.

Почетокот на подвигот беше многу тежок, бидејќи Марко се соочи со силен северен ветар, голем бран и немирно езеро. Но, Марко покажа дека кога се сака се` може, а најдобро за неговиот успех говорат солзите радосници на присутните кои со стоечки овации го пречекаа новиот охридскиот херој. Успехот на Марко е дотолку поголем ако се има предвид дека тој има инфаркт на коска на долните екстремитети, но како што многу пати изјави овие денови, тоа воопшто не му преставува пречка да го оствари својот голен, да го преплива Охридското езеро. И навистина успеа.

Г.М./А.М./Мх.П.