Освен обновениот тоалет кај Долни Сарај и подвижните, кои како привремено решение деновиве се поставени на повеќе локации во градот, и оваа година Охрид останува без најавените јавни тоалети кои се предвидени да се изградат  меѓу „Амамот“ и комплексот Летница, кај старото училиште „Св. Климент Охридски“, односно на Плаошник, на потегот меѓу улиците „Самоилова“ и „Коста Абраш“.

Во текот на изминатите години овој проблем особено беше потенциран од страна на туристичките водичи кои нагласуваа дека е невозможно да се реализираат неколкучасовните тури низ градот без посета на јавни тоалети.

Мобилните јавни тоалети се само привремено решение, на кое не смееме да гледаме на долгорочен план. Градот заслужува да има санитарни објекти, кои ќе бидат чисти и редовно одржувани.“ – велат дел од туристичките водичи.

ТЦ „АМАМ“ со години без тоалет

Голем дел од лицата кои работат по дуќаните во Трговскиот центар „АМАМ“, сметаат дека на еден ваков комплекс кој се наоѓа во строгиот охридски центар, неопходен му е јавен тоалет.

Со години го имаме овој проблем, а никој не знае каде да се обратиме. Принудени сме секогаш, физиолошките потреби да ги извршиме во околните кафулиња или в комшии, кај оние што имаат сопствен тоалет.“ – велат дел од лицата кои работат во ТЦ „АМАМ“.

Проблемот е присутен и во останатите градови

Очигледно дека проблемот со јавните тоалети е присутен и во повеќето македонски градови. Иако во главниот град постојат вакви санитарни јазли во подрумскиот дел на Градскиот трговски центар, во градскиот парк и под мостот „Гоце Делчев“, сепак, како што јавуваат дел од националните медиуми, истите не ги исполнуваат основните хигиенски услови.

2.5 милијарди луѓе без пристап до тоалет

Една третина од светското население нема пристап до присотјни тоалети, а исто толку физиолошките потреби ги вршат на отворено. Како што нагласи генералниот секретар на ООН, Бан-Ки-мун, на минатогодишниот Светски ден на тоалетите, секоја година повеќе 800 000 деца умираат од дијареа како последица на лошата хигиена.

OhridNews