Прекрасни пејзажи од длабочините на Охридското Езеро ќе имаат можност да видат посетителите кои во наредните десетина дена ќе ја посетат изложбата ,,H2О’’ која е поставена во Куќата на Робевци во Охрид. Изложбата на која се прикажани околу 30 подводни  фотографии, од повеќе атрактивни локации во езерото, беше свечено отворена вчеравечер во присуство на голем број љубители на уметноста и природата.


Изложените фотографии се дело на нуркачите Никола Паскали, Александар Булески и Климчо Ангелоски и се направени во изминатите 4 години. Авторите вeлат дека целта на изложбата е да се донесе подводниот свет на езерото поблику до луѓето.


-Со нуркање се занимавам шест години, а фотографијата ми била љубов отсекогаш. Четири години го имаме подводниот фотоапарат и до сега имаме  направено околу 4000 фотографии, од кои беше навистина тешко да го избереме најтесниот круг, кој го изложивме. Се надеваме дека со оваа изложба ќе придонесеме за поголема еколошка свест и зачувување на природните убавини на езерото, но и за развој на нуркачкиот туризам, за кој овој воден басен има голем потенцијал, вели Александар Булески.

Тој истакна дека Охридското Езеро изобилува со многу интересни нуркачки локалитети, при што посебно ги издвои изворите во Свети Наум, каде што според него видливоста е многу голема.


Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 8- ми јуни 2012 година, а влезот е слободен.

OhridNews