– Во подземната гаража би можеле да се паркираат минимум 400 возила. Со ова решение ќе се избегне хаосот кој се случува особено во летниот период, беше истакнато од страна на Зоран Шикалески, раководителот на Одделението за комунален развој и патишта, при презентацијата на оваа идеја.
– Изградбата на подземната гаража е капитална инвестиција на која и недостасуваат поопширни студии во однос на противпожарната заштита, асеизмиката, социо- економски и демографски студии без кои не може да стане збор за еден ваков проект, вели архитектот Горан Патчев, од охридскиот Завод и музеј.
Ваквиот став го дели и дипломираниот архитект Маридеја Петрова која смета дека подземната гаража е утопистичка визија која не се базира врз соодветни изготвени студии, како што се гео- морфолошките.
– Знаеме дека теренот каде се планира изградбата на гаражата има многу слаба носивост и подземни води кои не би дозволиле таков притисок. Ако се пристапи кон градењето, центарот на градот најмалку десет години ќе биде едно големо градилиште со раскопани тунели и за тоа време ќе стагнира развојот на градот, што би претставувало деградација кон сопствените граѓани. Такви стихијни решенија, поради краткорочни интереси, треба да се избегнуваат. Тие треба да се засновани врз претходни научни студии и анализи кои ќе донесат исправни решенија и бенефит за новите генерации, вели Петрова.
Подземната гаража е само една од визиите на локалната власт за решавање на сообраќајниот хаос. Во текот на изминатите неколку години веќе имавме можност да слушаме најави за изградба на неколку катни гаражи низ градот, чија реализација секако би била многу поедноставна и пореална, споредено со изградба на подземна гаража до самото езеро.