Познатите Билјанини извори одамна се пресушени, а каналот Студенчишта е со намален водостој. Малото каналче со кое стопанисува риболовното друштво „Св. Апостол Петар“ речиси да нема вода, а и тоа малку риба што останала умира поради недостаток на кислород.
-Поморот на риба започна пред две години, практично од денот кога започна изградбата во населбата Бејбунар. Нешто чудно се случува со подземните води, но тоа треба да го истражат надлежните институции.- изјави Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“.
Сомнеж дека можеби градежни зафати може да се причина за намалување на водните потенцијал изразуваат и од Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро, каде особено се загрижени за опстанокот на живиот свет во каналот Студенчишта.
-Одговорност за поморот на риба мора да има. Овој проблем најверојатно се должи на неправилно менаџирање со водите во сушниот период , а можно е да е последица и од преголемата урбанизација на терените каде што се извориштата.-вели Дејан Пановски, од Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро.
Градежни зафати беа причина за заматување на водата од трите бунари во Бејбунар кои се користат за водоснабдување на градот. Од Проаква велат дека тој проблем веднаш бил саниран кога бил воочен и сега овие бунари се користат за водоснабдување, водата редовно се контролира и е исправна за пиење. Директорот на јавното претпријатие, Зоран Старкоски, смета дека е потребно да се изврши ново испитување на подземните води, бидејќи, според него, постои голема можност тие да понираат.
-По сите анализи и логики нешто е пореметено бидејќи планината каде се извориштата е варовник и најверојатно се отворени нови отвори каде понира водата. Затоа сметам дека е потребно да се направи ново испитување на подземните води. Последен пат тоа е направено пред околу 12 години, но оттогаш наваму очигледно се настанати промени.-вели Старкоски.
Стручњаците очекуваат со подобрување на хидролошките услови да се нормализира и водостојот на изворите, а со тоа и на каналот Студенчишта и Охридското Езеро, но предупредуваат дека е потребно многу повнимателно да се управува со водните ресурси, чија заштита треба да биде приоритет пред секаков друг интерес.