Дисциплинската комисија да ги испита сомнежите и изготви извештај за евентуалните направени малверзации при исплатата на обесштетувањето од земјотресите и виновниците да бидат изведени пред лицето на правдата, согласни се советниците од позицијата и опозицијата.

На денес одржаната седница од страна на советничката група на ВМРО ДПМНЕ беше побарано од вд градоначалникот Константин Георгиески усно да реферира за случајот и мерките кои се преземаат, како и да достави писмено известување на наредната седница.

  • Како одговорна политичка партија, а се’ со цел да ги потврдиме нашите индиции, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до општина Охрид доставивме барање за информации од јавен карактер, со кое побаравме да добиеме информации за нашите сомнежи и соодветна пропратна документација поврзана со случајов. ​Од тој момент раководната структура во општина Охрид отпочна постапки со цел расчистување на настанатата состојба во однос на испплата на штетите. Кој знае колкава ќе беше штетатата на општина Охрид и Буџетот на Република Македонија и какви се’ не процедурални грешки ќе направеше раководството на локалната самоуправа во Охрид, доколку ВМРО-ДПМНЕ не ја откриеше целата афера и не доставеше барање за информации од јавен карактер во однос на овој проблем, рече координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков. Тој побара и еден ден по завршувањето на работата на дисциплинската комисија за случајот да бидат информирани основното јавно обвинителство и СВР Охрид.

Градоначалникот Георгиески потенцира дека постапката за проверка на извршените обесштетувања од земјотресите започнале пред поднесувањето на барањето од страна на ВМРО ДПМНЕ, веднаш по утврдувањето на одредени неправилности околу исплатата.

  • Барањето кое е поднесено до ВМРО ДПМНЕ е со датум 13.12.2018, а целата постапка запачна на 06.12.2018, далеку од тоа дека ВМРО ДПМНЕ го открил овој криминал. На 04.01.2019 е формирана и дисциплинска комисија која има законски рок од 20 дена да изготви извештај и до тој законски рок нема да ја коментирам работата на таа комисија и наодите што ќе дојдат. Претседател на комисијата е Александар Китески, истакнат член на ВМРО ДПМНЕ, но човек кој исклучително го ценам и почитувам како совесен работник и професионалец и ценам дека најдобро ќе ја заврши својата работа како претседател на дисциплинската комисија. Сите мерки кои ќе произлезат од заклучокот на таа комисија ќе бидат преземени и лицата, доколку згрешиле, ќе бидат изведени пред лицето на правдата, рече Георгиески.

Градоначалникот информира дека со записник на дисциплинската комисија одземена е целосната документација по однос на исплата на штети од земјотресите, а не само за еден случај на спорни плаќања. Целата документација е на увид во дисциплинската комисија и ќе се постапува по однос на сите поединечни плаќања изршени во однос на штетите од земјотресите.

Т.К.