– За жал, ниското ниво на еколошка култура и неразвиена свест кај поединци остава трајни последици за сите нас. Се залагаме Охрид да го претставиме во најдобро светло како наш туристички бисер, но сликите со кои секојдневно сме опкружени оставаат црни дамки. Со закон се пропишани ригорозни казни за непочитувањето на јавната чистота, па затоа комуналната инспекција треба да ги санкционира овие девијантни појави, велат од ова јавно претпријатие. Од ЈП Комуналец наведуваат голем број девијантни појави поврзани со несоодветно депонирање на зелен отпад, кабаст отпад, градежен шут, непочитување на комуналниот ред за динамиката на подигање на отпадот, кои се повторуваат долг период од страна на мал број, но едни исти наши сограѓани.
Од ЈП Комуналец наведуваат неколку примери. Во стариот дел на градот-Сараиште оставени исечени гранки и кабаст отпад несоодветно депониран зелен отпад, кој треба да е уредно депониран во вреќи за отпадоци оставени до контејнерите, по претходна пријава на службата “48 часа”. Околу “Автобуската станица” таксистите постојано расфрлаат отпадоци по коловозот и тротоарот.
Оставен кабаст отпад и градежен шут на фреквентно место, а при тоа за депонирање на градежен шут е определена локацијата “Мауцхер”. На ул.”Крали Марко” оставен отпад во денови кога на таа улица според динамиката не е предвидено подигнување и затоа, велат од ЈП КОмуналец, истиот станува плен на животни и станува извор на зараза.
– За да им излеземе во пресрет на граѓаните ја формиравме службата “48 часа” која по пријави од граѓани на дежурниот телефон 046/265-353 , реагира и им помага, во рамките на нашите можности, околу депонирањето и подигањето на зелен отпад, градежен шут, кабаст отпад и др. Надлежните фактори треба веднаш да превземат мерки и да не дозволат овие грди слики да го валкаат нашето секојдневие, потенцираат ЈП Комуналец.