Македонија е една од земјите кои со потешкотии ги користеше средствата од странските фондови, велат стручни лица од областа на туризмот. Професорот на Факултетот за туризам и угостителство, Науме Мариноски, изразува надеж дека ќе има промени и дека со помош на стручни служби полесно ќе се добиваат грантовите.
– Во наредниот период се надевам дека ќе се упрости процедурата за добивање на грантовите кои се отвараат. Нашите стручни лица се подготвени тоа да го направат, особено во сферата на обуката на туристичките водичи кои немаат практика, а нашето искуство вели дека некои од нив кои поминале низ практични вежби се меѓу најдобрите, вели Мариноски.
Од друга страна, претставниците на институциите кои посредуваат за добивање на средствата од меѓународните фондови тврдат дека процедурите во голема мера се поедноставени.
– Нашиот проект и тимот кој работи ги има разбработени и олеснато начините и апликациските формулари. Воедно организираме и работилници наменети за да се објасни самиот процес чекор по чекор. Сите консултанти стојат на располагање и процесот е поедноставен и апелирам до луѓето инволвирани во секторот на туризам да излезат и да аплицираат на вториот повик кој наскоро ќе биде објавен, вели Маја Блажев, специјалист за развој на туризам при проектот за локална и регионална конкурентност.
Пред објавувањето на вториот повик за доделување на подгрантови за поддршка и развој на туризмот, во Охрид се одржа работилница, во рамки на проектот за локална и регионална конкурентност. Целта е запознавање на клучните чинители од областа на туризмот, со концептот, методите и бенефитите од управување со дестинации, а потенцијалните апликанти подетално да се запознаат со специфичните развојни планови изработени од експерти на Светска Банка, кои што ќе бидат основа за доделување на подгрантови во вториот повик за грантови на проектот за „Локална и регионална конкурентност“.
Проектот е финансиран од страна на Европската унија, администриран од Светска банка, а се имплементира од кабинетот на заменик претседателот на владата, задолжен за економски прашања.
Првиот повик за доделување подгрантови кои ќе го подобрат локалниот економски развој на одбраните дестинации е завршен. На првиот повик се пријавиле 147 подпроекти од сите градови.
OhridNews











