Поемата „Адам од Говрлево“ е победник на анонимниот конкурс за наградата Григор Прличев 2010, распишан од издавачката куќа „Детска радост“ и Центарот за култура Григор Прличев.

Жири комисијата во состав Паскал Гилевски, Блаже Миневски и доктор Нина Анастасова Шкрињариќ едногласно ја одбраа оваа поема во конкуренција од други 25 ракописи.

Во најтесна селекција влегле “Илуминација. Самување“ и “Потомците на Чрт“.

Во поемата Адам од Говрлево поетот го воспева милениумското откритие од актуелниот Адам од Говрлево или Адам од Македонија, неодамна пронајдената машка фигура на археолошкиот локалитет Говрлево.

„Секој млад поет слободно може да конкурира за оваа награда, да пишува така како што пишува, но и да ги зачува елементите кои се карактеристични за Прличевата поема“, изјави Паскал Гилевски.

„Битно е што ваквите конкурси се организираат пред се заради можноста на македонските автори да ги завршат веќе започнатите раскази и поеми. Тоа е голем поттик за создавање“, изјави Блаже Миневски.

Како и секоја година така и оваа, поемата ќе биде издадена во одделна книга од страна на книгоиздателството Детска радост со поддршка на министерството за култура.

OhridNews
извор: Makfaks