Наградата “Григор Прличев” за најдобра необјавена поема на македонски јазик за 2011 ја доби поемата “Ако” под шифра “Таблица осум”, пријавена на анонимниот конкурс кој по 19- ти пат го распиша редакцијата “Детска радост”.

Како што истакна претседателот на трочленото жири кое одлучуваше по пристигнатите поеми на конкурсот, Ристо Јачев, ја избрале поемата  „Ако“ зашто е неконвенционална, со интересни пресврти што ретко се сеќаваат во македонската поезија.
 
– Најсилниот впечаток што оваа поема го остава произлегува од фактот што авторот успеал, откако се осмелил да се зафати со една ризична филозофска  материја, неа да ја преточи во убедлив лирско-епски текст, рече Јачев.

На годинашниот конкурс пристигнале 19 трудови, а во најтесен избор за награда била и поемата „Депа“ под шифра „Касијани“.

Наградата “Григор Прличев” е востановена на иницијатива на неодамна починатиот писател Петре Бакески. Се доделува во чест на Прличев кој во 1860 со поемата „Сердарот“ на грчки јазик (О Арматалос) победил на анонимен конкурс во Атина и го добил епитетот Втор Хомер.

Поемата „Ако“ ќе биде објавена, а наградениот автор ќе добие и резба и  1.500 евра. Наградата ќе му биде врачена на 6 февруари во Охрид, во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“.

OhridNews