Жири комисија за доделување на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2016 година при НУ Центар за култура „Григор Прличев“, за најдобра ја избра поемата „Македонски стар и нов завет“ испратена под шифра „Библија“.
Комисијата одлучуваше помеѓу три, од вкупно пристигнати 20 поеми, кои влегоа во најтесен круг: „Слово горко непремолк“ под шифра „892000“, „Македонски стар и нов завет“ под шифра „Библија“ и „Армагедон“ под шифра „Кузман Капидан“.
Од комисијата истакнуваат дека текстот на поемата „Македонски стар и нов завет“ се издвојувала со лирско-епското пеење поставено на повеќе нивоа каде низ тонските созвучја одгласува простумот на татковината низ временските длабочини.
– „Македонски стар и нов завет“ е поема која во себе ја вплотува драматичноста на времето и драматиката на опстојбите низ долгата низа македонски векови. Протекот на дејствието кој надоаѓа од високите врвови на егзистетот на родот понесува со својот полифоничен одглас на каскадната буица низ спектарот на тонови и бои со силна ерупција на метафори. Таа е една кратка, збиена историја на битот на татковината што во целата широчина ги отвора големината на просторот и длабочината на времето од кои пулсира живата енергија на настаните. Кохерентна градба на естетска хармонија низ лирско и епско созвучје, велат од комисијата.
OhridNews