
Деветнаесетото издание на Поетската ноќ во Велестово која ќе биде посветена на творештвото на познатиот поет, есеист, критичар и преведувач, Ефтим Клетников, ќе се одржи утревечер во центарот на охридското село Велестово. На манифестицајата ќе биде отворена и изложба на мозаици од познатиот уметник Газанфер Бајрам.
Според Ѓорго Димоски „Поетската ноќ“ во Велестово со право се наоѓа на културната мапа на Македонија, бидејќи овде досега учествувале плејада поети и ликовни творци.Тој најави дека наредното дваесетгодишно, јубилејно издание на манифестацијата ќе биде збогатено со нови содржини.
Со средства на локалната самоуправа во тек е и адаптација на старото основно училиште во Велсетово каде ќе бидат изградени апартмани и изложбен салон каде ќе биде отворена постојана ликовна колонија. За таа цел како што најави градоначалникот на Охрид Александар Петрески се издвоени 1,5 милиони денари.Тој напомена дека објектот ќе служи како ликовна колонија но и за образовни цели бидејќи таму ќе се изведува и настава во природа. Локалната самоуправа најави дека ќе ги реновира и останатите запуштени училишта во општината и дека ќе го уреди патот кон селото Велестово.
За јубилјот догодина уметникот Газанфер Бајрам најави дека ѕидовите на чешмата во центарот на Велестово ќе ги оплемени со мозаик.
Г. Момироски












