Ученици од ОУТУ „Ванчо Питошески“ беа дел од „Trash Fashion Macedonia 2015“, натпревар на модни креации изработени со редизајнирани материјали од отпад. Петтото јубилејно издание на манифестацијата ги обедини средношколците од цела Македонија во модно шоу со кое на креативен начин се одбележа Светскиот ден на животната средина.
Средношколците од „ Ванчо Питошески“ во своите креации вметнаа различни материјали и предмети од отпад, како салфетки, амбалажи, црни пластични кеси, јутени вреќи, капачиња од лименки, гуми за џвакање, стари телефони и тастатури.
Покрај трите главни награди жирито изгласа и уште седум креации, со што топ-10 моделите во петок, на 5 јуни, одат на аукција во Швајцарска амбасада. Собраните средства од аукциската продажба ќе бидат наменети за фондот за своите училишта. Учениците од „ Ванчо Питошески“ добија пофалба за рачно изработениот накит.
Trash Fashion Macedonia 2015 е во организација на „Здружението на граѓани ОХО,“ и е дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем,“ која се реализира во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Целта на овој настан е подигнување на општествената свест за зачувување на природата и намалување на отпадот преку негова реупотреба.
OhridNews