Националниот парк Галичица денеска официјално ги пушти во употреба информативните центри за посетители во Охрид и Стење. Станува збор за информативни центри први од ваков вид во нашата земја каде што посетителите ќе имаат можност да се запознаат со природното и културното наследство на Националниот парк, како и за локалните самоуправи на Охрид и Ресен.


Информативните центри бeсплатно ќе бидат отворени секој работен ден од 8 до 15 часот. Во нив ќе работат специјално обучени лица кои на посетителите ќе им ги презентираат информациите за паркот.


-Информативните центри се нов туристички производ и затоа ќе им бидат понудени на туристичките агенции и тур-операторите. Но, наша главна цел е овие информативни центри да влезат во програмата за екскурзии кои што ги организираат училиштата, за што ќе поднесеме проект до Министерството за образование и наука, а се со цел младите да се запознаат со заштитените видови кои живеат на ова подрачје, истакна Зоран Ангелоски, директор на НП Галичица.


Охридскиот е еден од најсовремено опремените и најдобро уредените информативни центри во опкружувањето, а можност први да го посетат денеска имаа учениците од охридските училишта.



Охридскиот информативен центар беше изграден со донација на Италијанската влада, а за потребите на информативниот центар во Преспа на паркот и беше отстапена старата полициска станица во Стење, која беше адаптирана со финансиска помош на германската влада. Вкупната инвестиција изнесува 500.000 евра.



Отворањето на информативните центри на НП Галичица беше пролонгирано извесен период поради трагичниот настан што се случи оваа зима, кога еден од вработените во паркот несреќно го загуби животот.

Г.М.