Кабелските оператори во Македонија и Бугарија бесплатно ќе ја реемитуваат програмата од сателитските канали на јавните сервиси од двете држави. Ова меѓу другото се предвидува со Договорот што денеска во Охрид го склучија извршниот директор на Мкедонската радиотелевизија – МРТ Марјан Цветковски и директорт на Бугарската национална телевизија – БНТ Вера Анкова. Покрај отстапувањето на авторски права, во договорот се предвидува интензивирање на професионалната соработка на јавните сервиси.
-Овој договор кој што ние денеска ќе го потпишеме е многу значаен не само за нашите две телевизии туку отвора простор и за некои други бариери кои што постојат во јавноста и во двете држави да се срушат. Со договорот отпочнуваме соработка помеѓу двата национални сервиси на многу полиња, преку архивите на МРТ и на БНТ, како богатство што би требало заеднички да се искористува.-истакна Марјан Цветковски – Извршен директор на МРТВ.
Според директорката на БНТ, денешниот договор е пример за надминување на предрасудите, но и основа за отпочнување копродукциска соработка во области во кои двете телевизии имаат големо искуство.
-Основен принцип на нашата мисија е да ги шириме културата и историјата на нашите народи во светот, да ги запознаваме другите со неа, и обратно, да го запознаваме нашиот народ со културните и историските особености на другите народи. Тоа е особено важно кога се работи за соседни држави.-рече Вера Анкова, директор на БНТ.
Иницијативата за реализација на ваквата идеја потекна од Македонско – бугарската стопанска комора и група новинари од двете земји. Зоре Темелковски, претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора истакна дека денешниот чин позитивно ќе влијае на економската и политичката соработка помеѓу двете држави.
– Со навремени, брзи и професионално подготвени информации во двете држави ќе се зголемува и довербата и ќе се создава благопријатна атмосфера за поголема економска и политичка сорботка, истакна Темелковски.
Александар Чомивски, искусен новинар и еден од иницијаторите на соработката, смета дека реализацијата на оваа идеја ќе им овозможи на новинарите од двете земји да продуцираат информации без страв и предрасуди.
-Идејата беше да се создаде платформа во која новинарите од двете средини ќе продуцираат информации без страст, без политички предрасуди, без историски небулози или стереотипи, туку на веродостоен начин информиациите ќе ги трансформираат во позитивна енергија, уште повеќе што генерално граѓаните на двете држави го немаат анимозитетот како што политичарите се обидуваат да го претстават.- рече Чомовски.
Во Охрид денеса БНТ потпиша договори со повеќе кабелски оператоти од Македонија, кои ќе го реемитуваат сателитскиот канал на телевизијата. На потпишувањето на договорот помеѓу МРТ и БНТ присуствуваше и градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески.
Г.М.