Во рамки на своите јавни овластувања за едукации и ширење на знаењата за правилно укажување на прва помош на повредени во најразлични ситуации, Црвен крст Охрид во партнерство со Одделот за превенција при Секторот за внатрешни работи, денес во 12 часот на паркингот пред плоштад „Чинар“ ќе изведе симулациска показна вежба на извлекување и укажување на прва помош на повредени во сообраќајна несреќа во која учествуваат патничко моторно возило и мотор.

Службениците од Одделот за превенција при СВР Охрид, заедно со волонтерите на Црвен крст Охрид ќе делат едукативен материјал за важноста од почитување на сообраќајните прописи со особен акцент на правилно врзување на сигурносен појас во возилото и правилно носење кацига при управување мотор, информираат организаторите.

Заинтересираните присутни по завршување на вежбата, посочуваат, ќе имаат можност со поддршка на парамедиците на Црвен крст Охрид да пробаат дел од техниките и постапките за правилно укажување прва помош и правилно вадење на кацига од повредено лице.

OhridNews