“Покер“ победа за вицепрвакот во лигата Металург во Охрид со 4-1 во втората рунда од третиот круг во домашниот шампионат. Избраниците на Христов одиграа речиси перфектен меч и го совладаа охридскиот прволигаш, кој се наоѓа во серија од четири порази.
“Зелените“ имаа контрола во текот на мечот, а од самиот почеток нападнаа кон голот на Бубоња. Можностите пред охридскиот гол се редеа како на филмска лента. Од чисти позиции не релизираа Симовски, Начески и Кралевски.
Доминацијата металурзите ја крунисаа во 25 минута од мечот, кога по ударот од аголот Начевски остана заборавен во голманскиот простор и со глава непречен од никого ја спорведе топката во мрежата на охриѓани. Тука гостите не застанаа продолжија да напаѓаат, неколку минути подоцна по додавањето на Начевски, Чурлинов со лоб удар го изненади Бубоња, постигнувајќи го петтиот гол сезонава.
До крајот на првиот дел, немаше возбудувања, а скопски Металург е првиот тим сезонава кој во Охрид на полувремето замина со предност.
Охриѓани немајќи што да загубат, во вториот дел се отворија, а со серијата измени тренерот Цветкоски внесе свежа крв во обид да ја разбуди домашната екипа од летаргичноста која ја зафати во првиот дел. Тоа им успеа во 71 минута од мечот кога по центрашутот на Блажески, капитенот Џалески со глава ја погоди противничката мрежа.
“Белите“ се отворија уште повеќе, а таквата игра остави простор за контранападите на Металург. По една таква акција, Стевановиќ втрча во казнетиот простор, а од позади го собори Стефановиќ , по што Бартон покажа на белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше капитенот Кралевски. Во судиското надополнување охриѓани уште еднаш направија прекршок за најстрага казна. Нововлезениот Меди во казнетиот простор недозволено стартуваше над Нестороски, па Бартон по втор пат на мечот досуди пенал. По втор пат прецизен беше Кралевски за конечни 1-4.
Охрид во наредната рунда во среда му гостува на Вардар.