Пред речиси една деценија амбициозно беше најавена изградбата на источната обиколница низ населбата Бејбунар, која треба значително да го растовари сообраќајот во овој дел од Охрид, особено во главната туристичка сезона. На свеченоста по повод отпочнувањето на градежните активности тогаш, беше најавено дека интензивно ќе се работи на реализација на овој значаен инфраструктурен проект.

Во меѓу време советот на општината донесе и одлука несудената сообраќајница да се именува по поранешнот министер за внтарешни работи Јордан Мијалков, кој трагично загина во сообраќајна незгода во соседна Србија.

Но, денес, безмалку десет години по отпочнувањето на градежните работи, улицата „Јордан Мијалков“, личи на се освен на современа сообраќајница каква што се најавуваше. Оттогаш се променија тројца градоначалници, но на терен нема промени. Наместо модерно сообраќајно решение, в долж трасата по која треба да поминува улицата никнуваат диви депонии, во главно од градежен отпад и шут. Иако во непосредна близина се и изворите од кои градот се снабдува со вода, неодговорни граѓани со несмален интензитет трупаат отпад, кој од време на време го расчистува јавното комунално претпријатие.

Освен отпад, во последно време овој дел од населбата Бејбунар служи и како паркиралиште за автобуси. Локалните жители велат дека секојдневно тука се паркираат по десеттина и повеќе автобуси, кои им го нарушуваат мирот и нормалното живеење. Освен што паркираат, возачите тука и спијат во возилата, велат тие.

Граѓаните од населбата Бејбунар бараат од надлежните да го решат проблемот со паркирањето на автобуси во населбата поради што тие речиси секојдневно живеат во прашина која се крева од неизградената улица „Јордан Мијалков“, која ја чекаат речиси една деценија.

Г.М.