Градоначалникот Александар Петрески и академскиот скулптор Томе Серафимоски, го потпишаа договорот за изработка на спомен обележјето на Свети Наум Охридски- Чудотворец.

Како што е познато Серафимоски победи на отворениот конкурс за идејно решение на новиот споменик кој ќе биде поставен во центарот на градот.

Заедно со споменикот на Свети Кирил и Методиј и на Свети Климент Охридски, со поставувањето на паметникот на Свети Наум, ќе се формира една целина отпочната во осумдесетите години, која ќе биде заокружена идната година, кога се очекува да биде поставено спомен обележјето, за летниот празник Свети Наум- на 3 јули, рече Петрески.


Местото каде ќе биде поставен споменикот

Академик Серафимоски, изрази задоволство што договорот е потпишан и рече дека за него претставува задоволство да го изработува ова спомен обележје.

–  Со трите споменици ќе се докомплетира центарот на Охрид, а нашиот Ерусалим ќе добие еден друг, нов лик, рече Серафимоски.

Тој додаде дека  во рамки на проектот за споменично одбележување на Охрид недостасуваат уште три скулптури, на светите Горазд, Сава и Ангелариј.

Со нив тројца сметам дека ќе бидат опфатени сите седум чественици од македонската  средновековна култура. Важно е да бидат поставени и тие три скулптури, на потегот од Свети Кирил и Методи, па долж Кејот на Охридското Езеро, истакна овој познат македонски скулптор.


Спомениците на Св. Климент и на Св.Кирил и Методиј, дела на Т. Серафимоски

Новиот споменик на Свети Наум, ќе биде висок до пет метри и изработен во бронза. За изаботката и поставувањето на споменикот од страна на Министерството за култура се обезбедени седум милиони денари. Се проценува дека вкупната вредност на проектот ќе изнесува до 15 милиони денари, а преостанатите средства ќе ги обезбеди локалната самоуправа, дел преку донации на граѓани.

OhridNews