Денес одржаната средба помеѓу преставници од Спортско- риболовниот клуб Св.Апостол Петар“ и  Билатералниот Секретаријат за Охридското езеро, со пратеникот во македонското собрание, Александар Николоски резултира со иницијатива за донесување на закон за прогласување на Билјанините извори за споменик на природата и закон со кој остатокот од Студенчишкото блато, утврден врз основ на студијата за интегрирана заштита, ќе се прогласи за строго заштитена зона.

Како што истакна пратеникот Николоски, ова е само дел од напорите за заштита на водниот фонд во езерото и препознатливите белези кои се загрозени поради неконтролираната урбанизација на крајбрежјето. 


Јас како пратеник и СРК Св. Апостол Петар и Билатералниот секретаријат,  во соработка со надлежните министерства и институции, во разумен рок од неколку месеци ќе изработиме предлог законски решенија кои потоа ќе ги предложам во собранието со што се надевам дека ќе направиме еден значаен чекор во заштитата и запирање на уништувањето, рече Николоски.

Според Дејан Паноски од Билатералниот секретаријат за Охридското езеро, иницираните закони ќе придонесат кон заштитата на езерото и неговите вредности, но и кон промоција градот.

Она што долги години го правиме во рамки на заштитата на Охридското езеро и неговите вредности сакаме да го институционализираме, затоа што тоа е една зкаонска рамка која ќе овозможи и да го заштитиме и да го одбраниме од напади, воедно и туристички да го валоризираме во однос на туристичката промоција на градот и регионот, рече Паноски.


Од СРК „Св. Апостол Петар“ потенцираат дека денешната средба е дел од низата активности кои ќе продолжат да ги преземаат како спортско- рекреативни риболовци со цел заштита на охридската пастрмка и останатиот рибен фонд во езерото.

–    Ова е прва средба по носењето на заклучоците на неодамна одржаната трибина за „Заштита и управување со Охридското езеро“, која се надеваме дека ќе вроди со плод.Од пратеникот добивме ветување дека ќе се инициираат законите и  очекуваме дека сплотени ќе направиме повеќе за заштитата на биодиверзитетот, изјави претседателот на „Св. Апостол Петар“, Радован Димитриески.

На денешната средба стана збор и за заштитата на појасите на трска во и околу басенот на Охридското езеро со цел предвидување на казнени одредби за деградациија на истите.

Т. К.