Фудбалската мега ѕвезда Пол Погба го одржа зборот и официјално го покани Јане Велковски заедно со неговата фамилија да присуствува на мечот помеѓу Манчестер Јунајтед и Севиља кој ќе се одигра во рамките од осминафиналето во Лигата на Шампиони.

9-годишниот Јане кој боледува од спинална мускулна атрофија е дел од проектот на УЕФА „Еднаква игра“ на која заштитен знак е токму францускиот репрезентативец. Тој изненадувањето за Јане го најави минатата недела на својот инстаграм профил кога го сподели видеото на кое Јане се обраќа до сите да го гледаат како игра фудбал.

– Јане е возбуден што ќе гледа во живо натпревар на Манчестер Јунајтед и тоа во Англија, каде стадионите секогаш се полни до последно место и атмосферата е неверојатна. Пресреќен е што ќе го запознае Погба. Постојано го носи дресот кој го доби од него. Пред да одиме во Манчестер, прво имаме нова интервенција во клиниката во Париз, каде треба да му бидат продолжени имплантите кои пред две години му беа вградени во рбетниот столб. Од Париз ќе одиме во Манчестер. – изјави мајката на Јане, Деница Велковска.

Охриѓани исто така го поддржаа и поздравија големиот борец Јане организирајќи спортско хуманитарен натпревар „Играме за Јане“ на кој учествуваа видни личности и функционери од нашиот град.

OhridNews