СВР Куманово поради постоење основи за сомнение за сторени кривични дела, поднесени се кривични пријави за лице од Куманово и едно од Свети Николе, генерален директор на Меѓународниот Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе. Кривична пријава е поднесена и против ректор на Меѓународниот Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе, правно лице во институтот во Свети Николе и против вработена во Државниот просветен инспекторат на работно место Советник-Државен просветен инспектор.Лицата се осомничени за “употреба на исправа со невистинита содржина“, “злоупотреба на службената положба и овластување“ и “фалсификување исправа“, како и “несовесно работење во службата“.

Според документираните сознанија од истрагата еден од пријавените на 25.09.2009 година потпишал договор за студирање на приватна високообразовна установа Меѓународен Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе, на Факултетот за економија и организација на претприемништво за учебна 2009/2010 година за што му било оформено досие, а во текот на 2010 година заминал на привремена работа во Авганистан. Во временскиот период од 25.09.2009 година па се до 04.12.2012 година првопријавениот од задолжителни 33 предмети за предвидени 4 студиски години и 8 семестри вкупно нерегуларно положил 24 предмети од кои на 19 испити не присуствувал, бидејќи бил надвор од Македонија, пет предмети ги положил пред да биде запишан во образовната институција (иако тие не биле предвидени во учебниот план и програма), еден предмет го положил два дена по запишување во образовната институција, а за останатите осум предмети присуствувал на полагање.
Генералниот директор и ректорот и правното лице со намера да му овозможат да се стекне со Уверение за завршен Дипломиран економист-Менаџмент на организација, во временскиот период од 25.09.2009 година до 04.12.2012 година ја злоупотребувале службената положба и овластување, на начин што изготвиле и потпишале 24 пријави за испит со невистинита содржина дека наводно првопријавениот бил присутен на полагање и ги положил испитите во редовна постапка, а му била издадена и невалидна Диплома.

Лицето ваквата диплома ја употребил како вистинска и на 24.12.2014  година, без претходно објавен јавен оглас бил вработен во МВР на РМ со Договор за вработување на неопределено време на работно место-приправник во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР на РМ, а од 01.10.2015 година со Одлука на Комисијата за распоредување и унапредување на работни места во Управата за безбедност и контраразузнавање со Решение е унапреден на работно место.

Лицето во својство на советник–Државен просветен инспектор на 22.09.2017 година при вршење координиран вонреден инспекциски надзор во соработка со полициски службеници од СВР Куманово на Меѓународниот Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе составила лажен Записник при што констатирала дека четири испитни пријави се спорни од кои три по однос на недоволно пишани бонус бодови за положен испит, една испитна пријава дека е непотпишана, а не ги земала во предвид пријавите за предвремено положени пет испити впишани во студентското досие за период додека М.Б не бил запишан на образовната установа со крајно образложение во Записникот дека по однос на наводите наведени во барањето на СВР Куманово нема констатирано неправилности и предметот се заклучува.

OhridNews