Припадник на полициските сили почина од здобиените повреди во немирите предизвикани пред два дена од страна на приврзаниците на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, во Капитол Хил во Вашингтон, соопшти полицијата.

Полицаецот Брајан Сикник е петта жртва во немирите, откако претходно е објавено дека четири лица загинале кога приврзаници на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот со цел да го спречат Парламентот да ја верификува победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД.

Полицаецот Сикник бил повреден во физички судир со демонстрантите, нагласи полицијата во соопштението.

Во меѓувреме, вршителот на должност американски државен обвинител Мајкл Шервин најави дека неговата канцеларија ќе ја разгледа можноста за покренување на обвинение против сите кои учествуваа во нападот на Конгресот и оти од тоа нема да биде иземен ниту претседателот Доналд Трамп.

Приврзаниците на Трамп на 6 јануари упаднаа во Конгресот за да спречат верификација на победата на Џо Бајден на претседателските избори.

Пенс е против повикување на 25. амандман

Што се однесува до се погласното барање да се активира 25. амандман, потпретседателот на САД, Мајк Пенс е против отстранување на Доналд Трамп од претседателската функција, објави „Њујорк тајмс“.

Претходно, претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот, Ненси Пелоси побара од Пенс да се изјасни дали ќе се повика на 25. амандман.

Трамп уште помалку од две недели ќе биде на функција, но по упадот во Конгресот група составена од 120 пратеници и 17 сенатори, меѓу кои и Пелоси и лидерот на малцинството Чак Шумер побараа Трамп да биде отстранет. Помеѓу нив има само еден републиканец, член на Претставничкиот дом од Илиноис, Адам Кинзингер.

Дел од нив бараат отповикување (импичмент), други бараат Трамп да биде отстранет од власт со повикување на 25 амандман, а трети бараат тој веднаш да ја напушти функцијата претседател.

OhridNews
Фото: Миа