Земјите од Западен Балкан се заложници на политичката корупција која длабоко е навлезена во институциите на системот, укажуваат експертите од областа на безбедноста. Според нив, корупцијата ја создаваат самите држави кои се во спрега со тајкуните, воените профитери и победниците на транзицијата, а политичките партии иако изразуваат декларативни заложби за решавање на овој проблем, влушност не сакаат да се реши.

– Политичката волја постои во предизборни кампањи или во поединечни случаи кога сакаме да и се додвориме на ЕУ. Во реалниот живот нашите политичари и државните раководители немаат волја да ја сузбијат политичката корупција бидејќи би си ја исекле основата за стекнување на противправни средства од таа корупција.-вели професорот Небојша Теофиловиќ од Криминалистичко-полициската академија во Белград.

Професор Јордан Спасевски, основач на Факултетот за безбедност, оценува дека во Македонија постојат многу елементи кои ја продуцираат корупцијата, а системот наместо во сузбивање, многу често се става во функција на нејзина заштита.

– Колку што постои волја, толку и не постои волја да се разреши тој проблем, за да можат преку корупција некои да се богатат. Тоа е таа трагична ситуација во која се наоѓа нашата земја.-рече Спасевски.

Според експертите  политичката корупција сериозно го поткопува  безбедносниот систем, кој во голем дел се става во функција на заштита на интересите на партиите кои се на власт, што може да биде погубно за самата држава.

За политичката корупција, организираниот и другите видови криминал, во Охрид на конференција посветена на безбедноста во постконфликтниот Балкан, разговараат научни работници од образовни институции од областа на  безбедноста од земјите од регионот, пред кои се исправени нови безбдедносни предизвици во контекст на евроатлантските процеси.

Г.М.